Што всушност е корупцијата и зошто живееме во земја на скршени срца

Живееме во земја на скршени срца. Ова не е поетски израз насочен да го дораспара ранетото срце на човекот што суштествува во Македонија. Овој исказ е практична дијагноза на една специфична болест што владее во нашата земја, која се пренесува преку вербалните интеракции помеѓу луѓето и преку една стихијна кармичка реакција, која може да се долови со народната поговорка: жнееш што си посеал. Оваа болест се вика „корупција“, а Македонија е земја на скршени срца затоа што во неа речиси и да нема човек што на еден или друг начин не бил погоден од нејзините ефекти.

Continue reading “Што всушност е корупцијата и зошто живееме во земја на скршени срца”

Advertisements

Привилегијата да влијаеш преку сопствената мисла не значи дека тоа го правиш совесно

Некои луѓе што треба да важат за некој и нешто во земјава и во градов, за некаков пример да речеме, си дозволуваат да изјавуваат зелени никулци од мисла од свое име, а во однос на многу други ним познати и непознати луѓе. Таквите искази ненајавено и непредизвикано им нанесуваат штета на недолжни луѓе што ќе се препознаат во суштествената мизерија на лошата мисла што се нашла во фраза на општа вистина.

Тажната вистина е што за да привлечат внимание (во денешен ден, лајкови) овие луѓе општат со најдолен цинизам и на тој начин се откажуваат несвесно од својот личен интегритет. Болната вистина за нив е што тие не помагаат во олеснувањето на оваа тешка ситуација, туку само ги дозамрсуваат вијугите на секојдневниот човек, и според тоа, тие се клише со рацете во џеб – анахронизам во новото човештво кое се буди во побудата да дава поддршка на другиот, наместо да го дотепува психички.

Пријатели, и по дух-но не и по карактер- соборци за новото човештво: најлесно е да се биде циник, но уште полесно е, и поблагодарно, да бидеш ништо, непознат, неславен, неинтересен човек.

Сеуште не Homo sapiens

Човекот припаѓа на видот Homo sapiens. Homo sapiens на латински значи „мудар човек“. На светската листа на животни на кои им се заканува уништување човекот ја носи значката Least Concerned, односно, „под најмала закана“. Сепак иронично е тоа што токму Homo sapiens е причинител на исчезнувањето на илјадници живи видови. Логично, следи прашањето колку сме мудри ние – колку е мудар Homo sapiens? Continue reading “Сеуште не Homo sapiens”

Народот поплавен, системот на поправен

По вториот ден обилни врнежи што најтешко ја погодија североисточната периферија на Скопје, утрово почнаа да се сумираат впечатоците од терен. За жал, во медиумскиот простор и на социјалните медиуми денес доминираше една непрокопсана атмосфера на залудно трошење зборови и енергија. Во меѓувреме, луѓето кои се погодени од невремето несомнено останаа без мирен сон. На нив не им значи апсолутно ништо дневното политиканство и наддавањето со мудровид цинизам од страна на масата луѓе, која нема сила и одлучност за да ги санира дупките во колективната свест и во институционалните механизми. Замислете, едните ги нарекуваат другите „мафијаши“ додека другите велат дека тие биле „мафијаши“ пред нив. Со какви детинести менталитети всушности си имаме работа!? Замислете, оние кои треба да дејствуваат за подобар живот на општеството, врмето го губат во гаѓање со зборови! Во меѓувреме, луѓето се збунети и ги губат животите во бизарни несреќи. Continue reading “Народот поплавен, системот на поправен”

Филмот „Џган“ – огледало на џганот

dzhgan

Помеѓу бруталистичките руини на јавните установи, во едно сиво и како такво нам познато Скопје, опстојуваат штитениците на домот за деца без родители, во најновиот македонски филм, Џган. Нивните животи се тетерават помеѓу пасивноста на нивната безизлезна состојба и бруталноста што тлее во таквиот живот. Филмот го претставува егзистенционалното прашање на младите и проблемите што се јавуваат кога нивните животи се вклештени помеѓу ниските морали на дисфункционалните и корумпирани институции и притисокот да се пронајде значење во животот.

Иако и амбиентот и ликовите се тмурни и обременети од нивната сива реалност, филмот претставува освежување во македонската кинематографија. Во него нема недоследности, излишности, преувеличеност на улогите, несвојствени дијалози и нереални ситуации. Од почетокот до крајот на филмот, јасно се отчитува дека режисерот Вардан Тозија одлично ја завршил својата домашна работа за да произведе едно впечатливо и трајно филмско дело. Од технички аспект, камерата е секогаш на вистинското место, а сценариото добро ги обработува неколкуте актуелни социјални теми што го држат гледачот на штрек. Улогите во филмот, нивниот говор и размислување се одлично формулирани- машкиот лик што сака да се пронајде, позитивниот женски лик што го спасува денот од банално трагедизирање на менливите нешта, моралниот авторитет што потпаѓа под тежината на задачата- па дури и оние улоги што го згуснуваат дејствието, односно „домците“ што најприродно го толкуваат скопскиот андерграунд карактер.

Она со што „Џган“ најсилно пленува не е само трагедијата на бруталното насилство, туку и суптекстот на главното дејствие, кое се одвива во вакуумот на некомпетентноста на институциите и сериозноста на состојбите со кои тие треба да раководат. Насилството кое остава длабок белег во целиот филм, прави гледачот да трепти во удобното седиште; од друга страна, во суптекстот го согледуваме социјалниот коментар кој посочува на најзакоравените  карики на ѓаволскиот круг во кој е опфатено општеството. „Домците“ кои седат на клупи, грицкаат сончоглед и меѓусебно се кошкаат за разонода, се всушност лицето на фатализмот на младината која се бори да го пронајде својот пат. Тоа дека патот односно, патиштата, се необележани или пак во најлошиот случај, едноставно не постојат, може да се види низ толкувањето на неколку карактерни архетипови. Имено, ракоположениот од некоја си власт Директор на установа кој сам одлучува за туѓи судбини, инспекторот кој го крши кодексот на општествен бранител, новинарката која не верува во силата на нејзината професија, домарот односно обичниот чиновник кој паразитски наоѓа начин како да искамчи пари он оние на дното, и така натаму. Корозивноста на овие улоги ни е добро позната, но уште подобро отрезнува кога тоа ќе се види прикажано на филм, каде што епитомот на корупцијата е овековечен во крв и месо.

maxresdefault

Масовното отсуство на професионалниот интегритет што силно зјае во општеството, „Џган“ највешто го сумира преку изјавата на еден од вработените во домот: „Јас нема да се одлучам зошто немам што да кажам… а и никој нема што да каже“. Да имаше овој лик карактерна особина што искажува став за одлука и да имаа останатите негови колеги нешто да кажат, филмот ќе завршеше предвреме. Филмот продолжува да рие затоа што во него доаѓа до израз идеалистот што е принуден да тера правда, сам. Во меѓувреме се насетува ендемскиот страв од политичкиот авторитет, отсуството на свое „мислење“ и непостоењето на професионално „сојузништво“ кога треба човек да застане наспроти бессмислени чинови. Во филмот овој судир на анти-материја дополнително ги упорува и им дава деморализирачки легитимитет на оние што во име на системот можат да им се закануваат на неподобните со бркање од работа. А сепак- сепак- кога ќе дојде оној миг каде политичкиот авторитет си дава за право да работи против поединецот што ги покрева горливите прашања, тогаш изразот „мислам дека“ се претвара во „мислиме дека“ – во име и со амин на системот. Сево ова Тозија добро го има осмислено и претставено.

„Џган“ продолжува да илустрира како во пеколниот круг и надежните општествени дејци попуштаат под тежината на светот, па така сведочиме како вербата на еден од таквите ретки примери, Горан (Никола Ристановски), се кине и тој паѓа толку ниско што ја пцуе и проколнува својата благородна кауза, односно она нешто во кое тој дотогаш верувал. Кога за миг помислив дали „Џган“ има допирни точки со „Пеколен Портокал“, сфатив дека тоа е само навидум и дека постои суштинска разлика. Во култниот филм на Кјубрик, групата го користи насилството од каприц и за болна разонода, а во нашиот „Џган“, насилството претставува бунт на заборавените и отфрлените. Сцените со планирано, насочено насилство, зборуваат за одмазда против човековото тело како мисловен поим, односно како оперативна машина што ги извршува програмите кои ја кородираат општествената хармонија.

Како што дејствието вртоглаво ита кон крајот, како да не можеме да му избегаме на прашањето, дали „Џган“ навистина постои? Екстремните сцени во филмот служат за да не убедат во веројатноста на таа реалност. На тој начин, филмот предупредува во што може да се претвори она што навистина постои и тлее под површината, доколку системското статус-кво продолжи да биде слепо и одмазнични настроено кон ентузијазмот на луѓето како Горан. И кога си помислив дека сивото целосно ќе ја проголта публиката, „Џган“ ни остави еден единствен и блед блесок надеж, кој можете да го видите во киносалите во кои се прикажува филмот.

242

Кој Сорос?

Во текот на моето студирање, една од назначените книги по предметот ‘Медиумите во Америка’ беше ‘Орвел не го предвиде ова’ (What Orwell Didn’t Know) со поднаслов, ‘Пропагандата и новото лице на политиката во Америка’. Свои видувања за улогата и влијанието на медиумите во САД по настаните на 11 септември изнесуваат писатели, новинари, истражувачи и теоретичари што активно ја анализираат и учествуваат во таа сфера. Прашањата и проблемите што се јавуваат со монополизацијата на медиумите и нивното експлоатирање за политички цели, авторите ја гледаат низ призмата на Џорџ Орвел како мислител на политичкото.

На последните листови на книгата се наоѓа трактатот ‘Политиката и англискиот јазик’ на Орвел, кој заедно со суштината на неговото творештво, ја сочинуваат тематската подлога на која се поставени анализите на авторите. Пред познатиот есеј на Орвел се наоѓа епилогот на книгата, што ја образложува апсолутната нужност за длабинско толкување на улогата на медиумите и нивното влијание врз пошироката американска јавност. Автор на епилогот и покровител на изданието е никој друг туку светски познатиот милијардер и филантроп, Џорџ Сорос.

5180zEag5kL._SX301_BO1,204,203,200_

За да не се пројават сомневања дека книгата има за цел да го изврти поимањето на тоа што претставува пропаганда- така што би го насочила читателот кон некаков апологизам за поредокот и државата во чија сфера биле обмислени и напишани есеите- ќе ја истакнам следната мисла на Џорџ Сорос, која ја поставува премисата на неговиот епилог: „Најмногу вознемирува тоа што американците се подложени на манипулација. Врвен пример за ова е Војната против тероризмот која наметнува лажливи толкувања што оддалечуваат од сржта на разбирањето за заканата која се обзнани по терористичките напади на единаесетти Септември“. Во истиот пасос Сорос пишува дека, парафразирам, иако во Америка постои јавност што ја критикува војната во Ирак, таа не се осмелува да ја соголи како лажна метафора војната против тероризмот што се одвива пред општата јавност.

Ова се зборови на човекот што е сметан за државен непријател од страна на режимите низ светот, чија заедничка карактеристика е нивната идеолошка, реторичка и лукративна упореност во секоја општествена и институционална пора. Од друга страна, Сорос е исто така персона инкогнита за борците за демократија, кои преку фондациите што се спонзорирани од негови пари доаѓаат до можноста да ги стават на предизвик лажните политички метафори што ги нафрлаат преку своите медиуми упорените режими. Разностраното толкување на политичкиот говор и политиката на пропагандата во споменатата книга го предочуваат визионерството на Сорос и неговата кауза за отворени општества. Книгата служи како увид во еродирањето на етиката и непристрасноста во известувањето на медиумите во американското општество, за време на администрацијата на претседателот Џорџ В. Буш и неговиот заменик-претседател Дик Чејни. Без пардон за корпорациите, за големите медиумски куќи и за суровивот капитализам, што се белег на западната цивилизација, во книгата се произнесени ставовите кон воената реторика на тогашната администрација и последичните ефекти врз јавното поимање на важните збиднувања во Америка.

Некој мора да е крив за сѐ

Дел од поттикот зошто ги пишувам овие редови е за пред себе да ја апсолвирам сопствената игнорантност во однос на Џорџ Сорос, што дозволив да биде своевремено потхранувана од јавното и од приватното мнение во Македонија, што него го замислува, пред сé, како некој што работи во корист на империјалистичките амбиции на Америка или пак некоја сенишна група луѓе што го држи светот на конци. Ова е мнението што ги возлува во хистерија луѓето што си вообразиле дека се заштитници на народот, верата и државата; ова е мнението што ги побива како штетни повиците за демократска обнова на Македонија преку деполитизирање на јавната сфера и преку зауздување на моќта на политичкиот врв. Апаратот на власта е добро испраксиран во извртување на секоја информација што го загрозува нејзиниот статус и во тој поглед е најдобро кога постои еден човек или синоним поврзан со таков човек, што претставува дежурен виновник. Според актуелниот, а секако неофицијален наратив што ги објаснува македонските работи во денешницата, секое укажување на потезите на власта кои се неумешни или штетни, има заднинска цел да ја разнебити Македонија. Во таквата атмосфера совесните гласови и експертите се замумлени со тоа што се лишени од нужноста да резонираат во отворени дебати, односно преку јавно толкување на ставовите и прозивање на одлуките на другата страна.

George-Soros-funded-Ferguson-protests

Соголувањето на лажните метафори не е безболно за земјите со поларизирани општества кои тргаат во спротивни насоки и во полза на нивната визија за тоа каква треба да биде нужната општествена реалност. На фондациите на Сорос им се префрла целата вина зошто во повеќе земји во светот, од Египет до Украина, се случија „обоените“ револуции. На фондациите на Сорос и на самиот Сорос, неколку од највлијателните медиуми во Македонија им ја префрлаат целата вина за тоа дека народот во Македонија бара промени. Промените најчесто претставуваат преврати кои се потресни за општествата, иако нивната цел е да ги стресат политичките поредоци што на разни начини водат војна против еден дел од народот или против други земји, други народи, други вери и други култури. Со други зборови, режимите што водат дисруптивни политики (несвесно) газат кон дисрупции од поголеми размери, што тие самите не би можеле да ги контролираат или амортизираат, не кога, туку откако ќе се појават првите симптоми на политичка и општествена стихија.

Овие заклучоци подеднакво важат и за прашањето на расните односи во Америка. Имено, неколку децении после донесувањето на праводарните закони за кои се избори движењето за права на афроамериканците, американското општество е сеуште подложно на непредвидливи падови по надолната спирала на тоа што претставува прифатлива нормалност за некои сегменти на општеството. Значи, не само во Македонија и во Србија и во Украина и во Египет, туку и во многу градови и реони во САД, фондациите што се финансирани од парите на Сорос (и други фондации со слични каузи), работат кон унапредување на демократијата и на транспарентноста на институциите, како и кон корегирање на длабоките предрасуди што меѓусебно ги разграничуваат едни од други етничките, расните и верските заедници.

Не е мал бројот на луѓето што размислуваат и делуваат од позиција на предрасуда наспроти „другиот“, наспроти оние што се различни. Тие луѓе и групи за немирите во Фергусон велат дека се виновни организациите што работат со соросови пари. Ако може така да се каже, би рекол дека ниту САД не се „поштедени“ од апсолутната потреба за порамнување на фундаменталните меѓучовечки мисконцепции од кои извираат страв и недоверба и кои впрегнуваат ставови на одбрана- реторичка и оружена- на „својата“ раса или народ или вера. Истите симптоми тлеат во значителен сегмент на македонското општество, од двете страни на етничката и верската граница.

141125012753-45-ferguson-reaction-1124-horizontal-gallery

Како се раскалуваше демократијата

Информациската технологија донесе револуција во изборот на средствата за информирање, а можноста за избор води до своеволно ѕидање на „информациски зандани“ во кои луѓето милуваат удобно да живеат. Поаѓајќи оттука, треба да се запрашаме дали една влада делува од државен интерес така што ги ограничува медиумите, организациите, писателите, итн. што ѝ ги предочувааат на јавноста латентните процеси што можат да бидат крајно штетни? Дали овие поединци, медиуми, организации и групи се закануваат на државнот поредок преку разнишување на ѕидините на информациската зандана што ја гради една власт? Што ако во занданата тлеат крајно дисруптивни тенденции што се закануваат да ја урнат стабилноста на општеството, или пак на една цела држава или цел регион?

Во информациските зандани стабилноста се зема здраво за готово, иако понекогаш многу малку недостасува на површината да пробијат потиснуваните општествени тенденции. Ова предочува дека стабилноста на општеството, што е предуслов за конструктивна промена и напредок, треба да се негува преку одржување на демократските и цивилните процеси кои им пркосат на назадувачките тенденции на општествата што се западнати во летаргија и наметнато едноумие.

Во секоја од неговите три книги Сорос предупредува од голема финансиска катастрофа. За себе вели дека некои луѓе во него го гледаат детето што викало Волк! (June 21–22, 2008; The Wall Street Journal) и потсетува дека во приказната, детето по третпат решило да се пошегува со селаните така што ќе ги повика да го спасат од „волкот“. Третиот пат волкот дошол а селаните не. Наравоучението од оваа метафора е дека следниот масовен финансиски колапс може да создаде потресни ефекти што долго ќе се чувствуваат низ целиот свет.

Имајќи ја предвид подложната волатилност на некои сегменти во општествата, потребно е да се потсетиме дека луѓето се најмалку присебни во миговите кога станува извесно дека домашната трпеза ќе остане празна. Исто така, во комплексните и искомплицирани општества на денешницата, кои ги среќаваме и во земјите во развој како и во развиените земји, делуваат влијателни поединци чии тенденции стануваат фактор на дестабилизација на одреден простор, кога недостигот на пари ќе го загрози нивниот статус и имотот кој го добавиле благодарение на сирова пара, односно разни облици на криминал. Во земјите во развој овие луѓе и групите што гравитираат околу нив се потенцијален извор на насилство кое се зачнува преку пропаганда, а пропагандата ефективно се шири во општествата и заедниците што не се добро, односно не се правилно информирани.

Граѓанските организации предвремено делуваат за да не дојде до општествени судири  по евентуалното случување на крупен настан што може да го успори или целосно сопре глобалниот или регионалниот проток на пари, храна и лекови. Во тие мигови, политичкиот говор на кој предупредува Орвел ефективно го распламтува неспознаениот човеков инстинкт за справување со паниката. Во општествата во кои меѓуетничкиот или меѓуверскиот соживот е поставен на ронливи темели кои не се санираат и потпоруваат наменски и конструктивно, првото нешто што страда во мигови на финансиска криза е општествениот мир.

За да увидиме дали делувањето на граѓанските организации претставува мешање во површните прерогативи на власта во Македонија, треба да согледаме како таа се однесува кон нив. За владата и нејзините поддржувачи важи убедувањето дека соросовите пари поддржуваат интернет портали, истражувачки центри и невладини организации кои работат на подвреднување на државата и поредокот што таа го штити. Најактуелните коментатори што го приграбиле телевизискиот етер често набедуваат дека „соросоидите“ работат на уништување на македонската држава. Неколку телевизиски личности и новинари, предизвиците со кои се соочува Македонија ги сервираат како режирани заговори, а не како причинско-последични процеси на претходни збиднувања.

На гласноговорниците што ги штитат интересите на власта не може да им се аргументира сложеноста на состојбите затоа што овие луѓе, теориите на општествените односи ги гледаат низ клучалката на теориите на заговор и според историјата на псеудоисторичари. Антрополошките стимули и нелинеарните подеми и падови на општествата низ вековите се ставени во краен план, за на секојдневните проблеми да им се подметнува полемиката на високите политики, а според овие луѓе, ние, односно Македонија, не одлучуваме за сопствената судбина. Тоа е лага што им оди во прилог само на оние што не можат да замислат како би се одвивал општествениот напредок според мерилата на развиените земји со функционални и напредни институции, а кој сепак би се реализирал според домашните специфичности и потребите на секоја заедница, но каде што цивилното општество би го добило заслужното предимство.

Во орото на медиумите, институциите и владата првите две фели чекаат на стимул од третата за да би можеле да се повикаат на некаков став и гледање на работите. Дотолку е диктирано се од „горе“ што институционализираното образование е ехо на гледиштата, сфаќањата, односите и навиките на тоа што претставува „меинстрим“ на јавната сфера. Затоа што секоја личност се култивира според квалитетот информациите што ја опкружуваат, а квалитетот на информациите што ги консумира пошироката јавност се на супстандардно ниво, следува дека квалитетот на општата културата во Македонија не може да биде спроводник на напредокот што му е потребен на ова општество. За тоа најголемата одговорност ја понесува владата и нејзиниот во главно провинциски однос на нужноста од суштествени информации. Томас Џеферсон рекол дека  [квалитетот на] „демократијата зависи од образованието на граѓанството“. Според ова, кај нас демократијата виси на конец и за една политичка култура што е во пубертет тоа значи настранување по опасни патишта.

Дотука реченото за медиумите нè води до заклучокот дека, прво, тие не му служат на општеството и според тоа имаат контрадржавотворна улога и дека, второ, тие се во апсолутна надмоќ наспроти независните и опозициските медиуми и личности. Во споредба со медиумите што се под шаторот на власта, влијанието на дигиталните и пишаните медиуми што се независни од партиски влијанија може да се опише како минорно. Имено, народот во Македонија живее во две специфични информациски зандани. Поголемиот дел од луѓето што се информираат преку телевизиските канали речиси никогаш нема да отворат интернет портал. Од другата страна се луѓето што не се приклучуваат на телевизиските канали и информациите ги добиваат преку интернет, и тоа преку специфичен избор на изворот на новини.

Секогаш кога еден сегмент на популацијата посочува на неправилност или бара одговорност од владата, медиумите изолираат поединци што ги нарекуваат „соросоиди“. Таквото именување претставува тенденциозна орвеловска конструкција заради нејзината практична, брза и лесна употреба- еден збор жигосува цела група луѓе. Економскиот аналитичар Пол Кругман го измислил зборот „соросои“ за финансиските шпекуланти кои уриваат валути „за забава и профит“, но неговата суштина и употреба крајно се разликуваат од омилениот погрден прекар на ЛатасВо Македонија со овој збор се демонизираат луѓето што не се во положба јавно да ги изјаснат своите ставови, па така грото од популацијата во земјата секогаш ќе биде во заблуда за нивните гледишта.

На нашшето општество не му помага ниту тоа што домашните универзитети се жив анахронизам. Имено, нивната улога како хранители на општествениот дискурс е скоро непостоечка. Наместо да бидат тврдини слободни од партиски влијанија, каде што се дебатираат сите појави слободно и без реперкусии, универзитетите, односно нивните професорите, се потчинети на проформа едукатори. Веројатно тоа е дел од причината зошто поимите соросоид и сороспија не станаа појдовна точка на дискусијата како еден збор успеа да навлече толку огромна појмовна тежина, дотолку што моќта на значењето на тој збор пред една цела маса луѓе го насликува лошото наспроти тоа што владата сака да го наслика како добро.

Попатно- пред околу петнаесет години, кога во Македонија интернетот сеуште беше оскуден со содржина и редовно ажурирани страници, на една страна наидов на галерии со фотографии од македонските комити и документи поврзани со револуционерното Дело. За жал нема начин како да го потврдам следното, но добро се сеќавам дека на оваа страна стоеше логото на фондацијата Отворено општество, што значи своевремено со соросови пари се промовирала историјата што го поддржува националниот идентитет  на Македонците. Благодарение на таа страна и нејзината содржина можев да се информирам и искрено, да се воодушевувам на луѓето што во еден од најмрачните периоди во историјаа на Европа се бореле за слобода, човекови права и повисоки идеали, токму овде во Македонија. Ова е уште еден пример, за жал недокажан, дека постои тотална неинформираност и недоволно разбирање на тема Сорос и неговите фондации.

Светот се менува, но не и луѓето во него

Што го мотивира Сорос? Пари, влијание, контрола врз светот или нешто трето? Ако голем број од нас во општеството повеќе не можат да препознаат човечки вредности или пак околу себе гледаат единствено морален и вредносен колапс, не значи дека не постојат луѓе што не ги гледаме и чие размислување не можеме да го слушнеме, кои преземаат дела за да го поттурнат човештвото некоја педа понастрана од траекторијата на еколошка катастрофа. Мене ми е тешко да поверувам дека Сорос има цел да руши режими за да би ги свел на ниво на корпоративни робови луѓето што живеат во тие земји. Секој човек што не ја допрел крајноста на теориите на светски заговори и не може да замисли дека постои широк распон на веројатности и реалности за светот, е свесен дека светот е сплеткан- ќе речам изврзан, во мрежа од взаемни меѓузависности, така што криза на едно место значи потенцијална криза за целиот свет. Затоа, војната во Сирија и Ирак подразбира закана за Европа и Америка. Војната во Украина подразбира закана од војна и бегалска криза на прагот на Европа. Зошто некој би финансирал организации што делуваат преку мека, граѓанска дипломатија, ако тоа може да доведе до општа криза која помалку би им годела на поголем број земји отколку на повеќе? Дали е поприфатливо за светот или пак за една земја да преброди помала криза отколку да биде втурната во несопирлива траекторија на судир преку криза од регионален или пак континентален размер?

04zaz-alex-grey-world-tree.png

Влијанието на соросовите пари делумно потекнува од неговата умешност со финансии и осет за глобалните текови и бранувања. Ова влијание не би имало толкаво значење да не се криеше зад него страста што ја храни визијата на луѓето што имаат силно чуство за општествена одговорност која пак се екстраполира во цивилизациска одговорност. Заклучокот дека Сорос се води по своја визија за светот може да се дедуцира од фактите за неговото потекло. Како унгарски Евреин кој го преживува холокаустот, за разлика од шесте милиони кои несреќно гинат во логорите, Сорос неминовно созревал со потребата да разбере зошто овој народ го снашла таква судбина. Многу луѓе биле лишени од нивните животи низ историјата, под налетот на освојувачки и идеолошки хорди, но никогаш не се случило еден народ да го снајде толку внимателно испланирана и под конец исцртана смрт. Како може луѓето да бидат способни за такво нешто? Траумите од овие сознанија можат да го совладаат секој човек што ќе се осмели да ја истражи сопствената емотивна интелигенција за да би стекнал разбирање за луѓето со кои го дели цивилизацискиот простор; непорекливо е дека потребата за разбирање и прифаќање се однесува на луѓе што ја претставуваат дијаметралната спротивност на оној што споредува. Неможноста да се поднесе различноста на други луѓе поттикнува некои групи да заговараат идеи и планови за нивно потиснување. Во денешниот временски контекст ова може да се нарече политички холокауст. Впрочем и на самиот холокауст му претходел политички холокауст на потиснување на потребата за слободно говорење и изразување, на потребата да се живее и учествува во светот преку својата култура и вероисповест.

Секој што се обзира на светот околу себе и што ги спознава општествените и развојни дејствија надвор од своите државни или културни граници, доаѓа до сфаќањето дека човештвото сепак бележи исчекор кон побезбеден предел. Светот денес тежнее не само кон економска глобализација туку и кон меѓучовечко сплотување. Соединувањето на физичките тела е закон на природата што е очигледен според самото тоа што и континентите сеуште се соединуваат едни кон други, и тоа што самата земјина топка била создадена од распрснување на бесконечната материја во вселената и на нејзиното одново консолидирање во нови планети. Можеби тој процес во вселената ќе се одвива бесконечно многу пати и бесконечно многу пати ќе се создаваат и замираат светови. Но за нас, овде и сега, метафизичкото поимање на постоењето нема да не избави од нужноста да се носиме наспроти светот- наспроти војните, заговорите, убиствата, грабежите, омразата и разочарувањата. Појавите кои ниту еден разумен човек не ги посакува го сочинуваат вакуумот што стои помеѓу тенденцијата на припојување. Човештвото е распрснато и едноставно мора да се припојува во културни, научни, трговски и развојни меѓузависности, а тој процес се одвива и покрај тоа што многу луѓе не се потрудиле да разберат дека тоа е неминовно, па затоа диригираат несмасни политики што создаваат уште поголем вакуум помеѓу „расите“, народите, верите и луѓето.

Може да се каже дека постојат два вида на такви диригенти. Едните раководат со методи на подвојување за да можат да владеат суверено со државите, а притоа ги негуваат амбициите за контрола на други земји; другите целат кон припојување, односно економско, културно и функционално соверижување помеѓу земјите и нивните компоненти како што се институции, организации, друштва, компании и поединци. Без разлика дали една земја важи за нето иницијатор на соверижување или нето иницијатор на вакуумирање, во неа секогаш ќе најдеме групи што целат кон тоа што претставува спротивност. Во земјите на западот има сили што работат кон преиначување на цивилизациското соединување за да дојде до предимство на една вера, народ и култура. Во други земји низ светот, сосем природно, делуваат сили што работат во името на еволуцијата, наспроти режимите што се заколнати на извршување политички холокауст на секоја единка што со поголема жестина ги обзнанува во јавноста своите идеали и светогледи.

Под оваа поставеност на нештата врие големо недоразбирање. Од неапсолвираното недоразбирање следнува фрустрација што некои луѓе ги поттикнува на настрани идеи и крајни потези со цел да ја оправдаат својата заклетва на светогледот што го застапуваат или пак тие едноставно не успеваат да издржат и попуштаат под тежината на тркалото на еволуцијата. Зарем е возможно човек што ја вложува својата животна сила за мир и слобода низ светот да им ги објасни своите дела и гледишта на оние што се негови заколнати непријатели? Како е можно луѓето како Сорос да им објаснат на луѓето што ги водат режимските и системски антипрогресивните организации, што значи тоа да и се опираш на еволуцијата преку стеснување на границите на фактичкото и апстрактното изразување, преку покривање со метални ќебиња на илјадници луѓе што сакаат да ја почувствуваат слободата на здруженото делување и преку зачепување на секој медиум што сака само да сугерира на трапавото функционирање на некое владино тело или пак сака да ги открие криминалните акти на политичарите?

Во инспирацијата за овој текст се повикувам на Сорос, не затоа што тој е еден од малкумината што отворено поддржуваат стратешки дејствија чија цел е да го обликуваат светот, туку затоа што тој е олицетворение на омразата кон сите луѓе што претставуваат гласници на разумот. Евидентно е дека Сорос има визија за светот и сметам дека за него и за сите останати луѓе што неуморно ја опитуваат „вистината“, да се нема визија и план за светот може слободно да се сведе на неодговорност, безобѕирност и цинична рамнодушност кон црпењето на ресурсите што ни овозможуваат живот.

 

Ова е скопскиот Велодром

Објавено 2 Март, 2014: Неформалната група На Точак се заложува велосипедите да станат вообичаен начин на превоз во Скопје и други градови. Преку социјалните платформи, оваа група ги поканува луѓето да учествуваат на настанот „Критична маса“ што се одржува еднаш месечно, кој претставува групно возење на велосипеди низ скопските улици. Овие настани имаат за цел е да ја покренат свеста на возачите на моторни возила дека велосипедистите се учесници во сообраќајот, да се покрене свеста дека велосипедот е превозно средство, да се влијае до градските власти да ја подобратвелосипедксата инфраструктура, да се поттикнат идни велосипедисти и друго.

(English version here)

Поврзана вест: 10 Октомври, 2015: Загреб ќе гради надземна цевка за пешаци и велосипедисти

Continue reading “Ова е скопскиот Велодром”