Дали ќе се Надминеме за да не се Разединиме?

Во Македонија од животот не се задоволни ниту Албанците ниту Македонците. Никој жив пак не ги прашал Ромите. И покрај тоа што има напредок во економијата, над земјава надвиснува нервоза поради политичката криза што ги исцрпува психичките капацитети и прави штета на креативната енергија. Информациите што се отпечатуваат во јавната свест се тешки за човек да ги прифати или разбере, и да продолжи да биде конструктивен во семејството или во општеството.

Додека децата играат во школските дворови родителите живеат во страв од некаква неизвесност што не можеме да ја посочиме или опишеме, но знаеме дека надвиснува. Досега политичката криза ги покажа сите нејзини лица: престрелката во Куманово во која изгинаа луѓе и судењето на обвинетите, неспособноста за менаџирање со итни случаи како што беше поплавата, нерешените избори, заканите од американски конгресмен за растурање на државата, дезориентираноста кај Македонците и албанското политичко разбирање и одење кон јасна цел. На народот му е јасно дека овој период некој се обидува да си го спаси животот, а некој се мести да профитира на голема врата.

man-helping-man_1

Неизвеност демне над целиот свет. Земјите се менуваат одвнатре под притисок на крупните збиднувања, наглите промени и непожелните влијанија што доаѓаат од различни страни на светот. Европскиот континент е во неизвесност за неговата демографска структура и за неговиот идентитет. Америка лесно може да ја прилалгоди својата идентитетска матрица, но предизвикот е во прилагодувањето на мултиполарноста што други земји ја наметнуваат се посилно. Остатокот од светот е сочинет од рурално население со апетит за урбани навики, што предизвикува социјален немир, страшна нееднаквост и дополнително уиништување на животната средина. Сепак, и покрај се што се случува, животот продолжува и луѓето не престануваат да се борат за оние нешта што им се вредност.

Неизвесноста во Македонија е повод денес, сега, да си ги преиспитаме вредностите и да видиме колку е лесно човек да изгуби се кога не верува во ништо, а најмалку во себе. Кога не веруваш во себе и кога не се водиш според твојот морален, емотивен и идентитетски компас, тогаш некој друг многу лесно може да завладее со тебе и твојот разум да го претвори во инкубатор за депресија и болест. Ова е непожелна реалност која ниту еден човек што има своја свест и достоинство не посакува да му се случи.

Македонците се можеби најчудната сорта на балканот. Неразбрани од другите, врбувани и манипулирани во последниве сто и пеесет години од страна на големите планери од оседните земји и подалеку, македонците не успеаа да се надминат самите себе и да создадат еднакво разбирање за заедничката реалност. Еден случаен пример мошне симболично доловува колку наивно овој народ си ја искривува сликата за своето постоење. Пред неколку години имаше еден период кога кај луѓето кружеше убедувањето дека македонците се слабачки народ затоа што во нивната култура постојат имиња како Трајче и Трпе. Не еднаш сум слушнал некој да се повика на оваа заблуда.

Искривувањето на симболичките и фактичките поими во народното незнаење наметнува себесожалувачки дух, од каде произлегува ниската свест дека ние не вредиме. Во заблудата околу личните имиња беше имплицирано дека името Трајче симболизира дека детето требало да „молчи“ а Трпе затоа што детето требало да „трпи“ – неправди ли?

Да не бевме во заблуда за своите јазик и култура секој човек ќе знаеше дека зборот „трае“ не значи „молчи“ туку „опстојува“. Не се кажува „рок на молчење“ туку „рок на траење“.„Ќути си и трај си“ не значи „ќути си и молчи си“ туку „ќути си и биди издржлив во намерата“. Во европскиот јазичен код зборот „трае“ го има во шпанскиот јазик каде „траер“ значи „носи“; во германскиот јазик овој збор се јавува како „трагенд“. И во двата примери зборот подразбира издржливост и истрајност. Најверојатно иста е симболиката и во името на римскиот император Трајан, кој потекнува од Шпанија.

Личното име Трпе го има истото симболично значење со зборот „издржува“. Ниеден човек при здрав разум не би му дал бедно име на своето дете. Наставката „че“ што се појавува во македонските имиња правела смисла во она минато кога не постоеле лични документи. Во тоа минато кога едно дете Трајче ќе станело млад маж, семејството најверојатно му го менувало името во Трајчо или Трајко или Трајан, што на недвосмислен начин претставува премин во зрелост, за што можеби постоела и мала церемонија. Тоа што денес некои возрасни мажи ја носат наставката „че“ во своето име е само последица на културниот заборав.

Има неброени детаљи од една фасцинантна сложувалка која е измешата и чека да биде составена. Фасцинанти се некои информации, како таа дека старите грци своите пешадии ги нарекувале „хоплити“ додека македонската војска својата пешадија ја нарекувала „пешети“. Не е случајност тоа што постои презиме што го содржи овој збор. Секој човек што е Пешев или Пешевски потекнува од предок кој или многу пешачел или па се зачувало предание од некој далечен предок што можеби отпатувал во некој од градовите на империјата на македонците.

Потоа, интересно прашање е зошто само кај Македонците постои презимето Индов или Индовски? Дали тоа значи дека некој предок со име Индо бил во Индија или пак некој дошол од Индија по древните трговски патишта? Случајност ли е тоа што порано имаше многу стари жени што се викаа Перса, а во западна Македонија Роксана. Овие имиња кои се тестамент за цивилизацискиот мост со древната култура на Персија денес се оставени во заборавот.

Би било мошне интересно за луѓето од родот Дуртаноски да знаат дека нивното име е поврзано со Даурентие, главатарот на склавините од шести век, кој од долна Панонија дошол (или можеби се вратил) во Македонија пред да тргне во опсадите на ромејска Грција. Потоа, интересно е зошто презимето Арнаудов го носат Македонци а нема такви Албанци? И кои значења се кријат зад презимињата Латински, Гоџиров, Џидров, Шуманов и Шаоски?

Се додека не го извадиме нашето размислување од теснецот на застарената македонска историографија или од зад превезот на туѓите условени толкувања на историјата, ќе има луѓе што си мислат дека овој народ е во оваа состојба поради настаната „историска грешка“. Таква грешка не постои и излишно е прашањето дали Македонците се словени или се од антиката. Ние сме плодови од безброј родови дрвја и во цртите на нашите лица и во пигментот на нашата кожа ја одразуваме антрополошката разновидност што се состои од западните брегови на Европа, до најисточните делови под Хималаите и се што е помеѓу.

Потребата од запознавање со основните начела на поимите припадност, одговорност и обврска не доведуваат до нужен фокус во животот. Без да внимава на овие нешта човек може лесно да се изгуби или пак да нема во себе карактерна целост. Не тврдам дека човек треба да го гради целиот свој идентитет врз културно-историски или верски темели на народот или народите од кои потекнува. Тоа претставува некреативност и емитирање на други луѓе и секој човек треба со слободен ум да одлучува на кој начин го изразува својот идентитет.

Од друга страна, припадноста и поврзаноста со една група луѓе што имаат многу заеднички обележја нуди можност за реализирање на сопствените емотивни и хумани тенденции. Кога на човек ќе му се каже дека неговиот народ е „глуп“ и „прост“ и „неспособен“ тогаш тој човек се однесува кон другите луѓе токму на таков начин и не со љубов, туку со агресија. Агресијата и презирот ги сочинуваат стегите на психичката растроеност. Чувството на неприпадност е незаинтересираност за тоа што се случува околу тебе треба да биде силен повод да го реализираш сопствениот карактер низ предизвиците, наместо да си баеш дека твојот рај те чека некаде далеку од овде.

За да можеме да започнеме со менувањето на заедничката свест нам ни е потребно да ги испадиме заблудите и да ја согледаме вистината што е заедничка за сите нас. Никој друг нема да ни каже дека вредиме, нема да го направи тоа од грижа и љубов и нема да не научи како да бидеме подобри за да можеме да живееме подобро, ослободени од страв и од болка во душата и телото. Имаме право да го издигнеме духот и да разбереме колку е важно да го имаме на располагање тој вреден ресурс. Секој народ што денес важи за нација го градел и го негувал својот културен код на различни начини и преку разни предизвици. Ниеден народ, без разлика на неговите заеднички одлики и различности, не можел да стане нација без помош на писателите, гласниците, весниците, радиото и телевизијата.

Чувството на припадност кај секој поединец е свест што треба да знае како да се прилагоди во отворена рамка која има широки граници. Македонската рамка е таква. Нашиот културен код не треба да прерасне во дезориентиран национализам, како што тоа се случи во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, или пак да се разводни во чувство на неприпадност, како што беше додека владееа СДСМ. Македонскиот културен код според нашата историја и традиција е доволно широк и доволно паметен за да може да ги прими во него различните и „туѓите“.

Вистинската приказна за Македонија ќе ни вреди само доколку македонците и сите пријатели на македонскиот народ го поддржат зачувувањето на нашата државност, напредокот на нашиот дух и поврзувањето на нашата економија. Во овие мигови државноста е пред сериозен предизвик и потребно е да се пружи отпор на една политичка провала наречена „Платформа на Албанците“ која, со признание, години наназад беше несвесно овозможувана од македонските власти.

Нема ништо лошо во оваа платформа за Албанците, но таа е лоша за Македонија и за Македонците. Секој човек во Македонија треба да го направи своето за да им пренесе на политичките партии да кажат едногласно „Не“ на оваа платформа, не затоа што се против Албанците, туку затоа што се против нешто кое претставува неправда.

Зошто да имаат Албанците две ипол држави на балканот, а Македонците да имаат половина? Каде албанските политичари во Македонија изнаоѓаат легитимитет за да ја обликуваат сржта на државата што ќе ги фаворизира нивните замисли?

Многу е лесно да го манипулираш другиот кога околностите се на твоја страна, но дали можеш да учествуваш во светот а тоа да не биде на ничија штета? Многу е лесно за неколку години од Косово да се преселат во Македонија 20,000 луѓе и да формираат фиктивни бракови за да се подигне процентот на Албанците. Тоа е системски хак кој стои на располагање за да ги „изигра“ Македонците, но дали некој излегол надвор од етно-специфичното размислување за да го разбере затворот што го претставува етничката хомогеност во 21 век?

Албанците можат да бидат конструктивни во изградбата на Македонија доколку работат чесно и конструктивно кон подобрување на животните услови каде што живеат Македонци. Македонците можат да бидат конструктивни во изградбата на Македонија доколку работат чесно и конструктивно кон подобрување на животните услови онаму каде што живеат Албанци. Можеме да си играме така, така би било многу поинтересно.

Во една пореална визија за добриот живот на Албанците во Македонија, овие големи планери од платформата ќе треба да го почитуваат принципот „Македонска држава. Напредокот на Албанците во Македонија мора да биде во заедничка соработка со Македонците, а „Платформата на Албанците“ како таква е создадена да одземе од државноста на Македонците.

Секој конститутивен народ во една земја може да има свои првенци кои учествуваат во унапредувањето на државноста. Ова го има во развиените земји, но постојат принципи и очекувања што не дозволуваат да се случуваат „чуда“ преку ноќ и не преку лаги и манипулации и недокажливи тврдења на автохтоност и според тоа право на „враќање“ на земјата од „окупаторите“.

Двојазичноста не би требала да биде причина на раздор, односно алатка за уназадување на државата. Зарем не е доволен поттик тоа што на ниедно место во Уставот на Америка не пишува дека Англискиот е официјален јазик. Секаде каде што има потреба, компаниите и институциите си го прават своето за да им олеснат на граѓаните што зборуваат исклучиво друг јазик. За жал Трамп ја повлече шпанската верзија на интернет страната на Белата Куќа, но ние немаме потреба да го следиме примерот на Трамп и впрочем, ние немаме потреба да се водиме според антиглобалистичките текови во западниот свет. На нашата Македонија не и биле потребни специјални политики за да го диверзификува населението. Тоа отсекогаш било етно-генетски разновидно, а по доаѓањето на Роми во Македонија и на Турците и на Албанците, населението добива и етно-национален и културен диверзитет. Ние само треба оваа предност да ја ставиме да работи во наша полза.

Наскоро секој жител, во една напредна дигитализирана Македонија, ќе може да ги исполнува или решава граѓанските должности и обврски на јазикот кој го претпочита. За Македонците нема да биде никаков проблем да го учат албанскиот јазик како комуникациски реципроцитет. Сепак, искреноста во изучувањето на друг јазик секогаш, сосема нормално, е или од лична желба или од потреба за лична надоградба.

Учењето на другите јазици може да биде без формален притисок бидејќи за многу брзо време младите македонци, роми и албанци ќе можат да комуницираат меѓусебно на англиски јазик, и истото ќе го прават нивните врсници власи, романци, грци, срби, бугари, бошњаци и сите останати, додека се на студентски размени и на посети во други земји. Редно време е Балканот да има доброволна образовна интеграција, а Македонија може многу лесно да го постави примерот.

Во една напредна Македонија професионалците во своите сфери ќе мораат да имаат професионално познавање на англискиот, и други јазици, а секојдневните граѓани ќе продолжат да се разбираат и меѓусебно да комуницираат преку јазикот на трговијата. Дали има некој што во оваа веројатност добива или губи?

Донекаде имам разбирање за ова „брзање“ на потписниците на Албанската платформа. Тие гледаат дека Македонците се „тешки“ за работа и дека соработката и помеѓу самите македонци е на незавидно ниво. Затоа буквално се зависи од тоа колку брзо и колку искрено Македонците ќе се преиспитаат, променат и надминат самите себе. Иницијативата за обликување на Македонија во модерна земја што ќе ја водат најдобрите и најинтелигентните луѓе зависи од влогот што ќе го даде секој поединец, од љубов за себе, другите и светот.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s