Што всушност е корупцијата и зошто живееме во земја на скршени срца

Живееме во земја на скршени срца. Ова не е поетски израз насочен да го дораспара ранетото срце на човекот што суштествува во Македонија. Овој исказ е практична дијагноза на една специфична болест што владее во нашата земја, која се пренесува преку вербалните интеракции помеѓу луѓето и преку една стихијна кармичка реакција, која може да се долови со народната поговорка: жнееш што си посеал. Оваа болест се вика „корупција“, а Македонија е земја на скршени срца затоа што во неа речиси и да нема човек што на еден или друг начин не бил погоден од нејзините ефекти.

Знаеме многу добро дека во секојдневниот говор зборот „корупција“ ја подразбира амбицијата како врвно достигнување на интересите на некои луѓе за зголемување на нивното имотно салдо и зацврстување на привидот на нивната материјална сигурност. На нивно големо разочарување, поимањето на зборот „корупција“ не застанува овде, туку продолжуа да длаби во пределите каде што почива егото- најранливата мисловна материја на човековото битие. Ако го ставиме на толковен распит зборот корупција, ќе се покаже дека тој е спој од латинските зборови corи ruptus; cor значи срце, ум, душа или совест, а ruptus значи „кршење“. Оној што прв во историјата го вметнал во употребата на говорот зборот „корупција“, добро ги познавал лавиринтите на човековата суета кога таа говори и делува во името на личноста, наместо тоа да го прави неговото скршено срце.
Толкувањето на зборот „корупција“ ни ја појаснува генезата и природата на некои чинови и последици што земаат постојан замав по луѓето во ова општество, а секако и низ целиот свет. Штом знаеме дека корумпираниот човек е всушност човек со скршено срце, со разранета душа и со нагризана совест, знаеме дека тој се наоѓа под принуда да презема крајни дела за да ја заштити својата совест од страшниот суд на вистината. За добро или за лошо, скршеното срце на корумпираниот човек не е оставено на најдолното цедило. Срцето за свој чувар го има наметливиот ум- гласникот на егото- оној кој ја презема душата во свои раце и вешто ја лечи вината со изговори, со разоноди од материјална природа, со прекалапување и шминкање на суштинските човекови морали, и така натаму. Срцата што не научиле како природно да се исполнуваат со радоста на „малите“ нешта, стануваат клиенти на умот. Неговата задача е да го храни, дотерува и штипка за образ егото, бидејќи тоа пак има една и единствена цел- да се искачува што е можно погоре на пиедесталот на угледноста во општеството и друштвото, каде што чувството на важност е единствената валута што на срцето може да му купи радост; а кога радоста не е во добра залиха, тогаш следното најдобро нешто е чувството на сигурност што е проследено со чувството на заборавање.
Доволно е да фрлиме еден поглед околу себе за да воочиме дека нашата земја со години ја воделе и сеуште ја водат луѓе со скршени срца. Овие луѓе занаетот го калеле и сеуште го калат, од најгорните катови на власта па до средните катови на државните институции, независните тела, универзитетите, основните и средните училишта- впрочем, при секој кат или катче од каде што човек може да изнуди некаква материјална корист за самиот себе, а најчесто на сметка на напредокот на општество и на сметка на образување на достоинствена материјална реалност за повеќето од нас.
Корумпираните луѓе, односно, носителите на скршени срца, (најверојатно) несвесно продолжуваат со нивните коруптивни зделки. Само со перпетуирање на корупцијата скршеното срце го одржува трансот кој не му дозволува на корумпираниот човек да погледне во длабочините на својата душа. Спортот корупција има неколку едноставни правила на игра: грабење на државниот буџет на мало и големо, вршење рекет врз малиот трговец, преземање туѓ имот, лажирање документи, менување закони за да им служат на малкумината, субверзија на институциите и организациите, потистнување на кротките а стручни луѓе за да не дојде до израз нивната способност, принудување на други луѓе да вршат физичко и психичко насилство врз трети, ризикување на безбедноста на луѓето за да може привилегираниот играч да искамчи жива пара за да си купи кола или за да оди на скап одмор, и така натаму. Додека во овој спорт газат луѓето со скршени срца, недолжно страда невината публика и оние кои се сведени на неми и ужаснати соучесници.
Но што ни вреди ова ако не пребегнуваат оние ретки мигови на соочување со вистината, миговите на непристрасниот и вончовечен суд, односно мигот кога се судираат стравот, воздржувањето и нагонот за правда и глас. Во робовладетелската ера на Соединетите Американски Држави, дури и по укинувањето на репресивната институција на робовладетелството, во сегрегираниот југ било забрането црниот американец да упати поглед што ќе се сретне со погледот на белиот американец. Суровоста на казната за таквиот престап всушност го сочинувала штитот зад кој се криела суетата на оние бели луѓе што ја граделе и издржувале институцијата на робовладетелството во изминатите векови. По укинувањето на институцијата робовладетелство, на ред дошле нови закони што ги закрепостиле поранешните робови за самото дно на макотрпната почва. Па така, среќавањето на очите на оној што угнетува и оној што е угнетуван преку одлучни чинови или преку тивка согласност, предизвикува поглед право во изворот на сопствената себичност и во недоразбирањата, стравовите и копнежите што ги упоруваат репресивните закони и институции.
Исто како и робовладетелството, и корупцијата претставува политичко-економски систем на репресирање и потребно е тој да претрпи систематско искоренување од Република Македонија со помош на уставот и законите, за да не биде нашата земја, земја на скршени срца.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s