Сеуште не Homo sapiens

Човекот припаѓа на видот Homo sapiens. Homo sapiens на латински значи „мудар човек“. На светската листа на животни на кои им се заканува уништување човекот ја носи значката Least Concerned, односно, „под најмала закана“. Сепак иронично е тоа што токму Homo sapiens е причинител на исчезнувањето на илјадници живи видови. Логично, следи прашањето колку сме мудри ние – колку е мудар Homo sapiens?

cave_paintings-830x460

Сметам дека нашиот вид треба да добие соодветен латински опис за секоја етапа што ја карактеризира неговата еволуција. Во дамнешните номадски денови, од доцниот плеистоцен (пред 120,000 илјади години) до пред почетокот на земјоделската, односно арската револуција (околу 8000 години пред нашата ера), човекот бил талкач и истражувач кој го поминал целото земјино пространство. Соодветно на примарниот негов порив – да трага по храна – во таа фаза на еволуцијата човекот би требало да се нарекува Homo explorens.

За време на долготрајната арска револуција, луѓето во блискиот исток за првпат започнале да ја култивираат земјата и да воведуваат поделба на трудот. Земјоделството станало начин на живот и ги вовело луѓето во замка. Колку повеќе храна се произведувало во тогаш веќе трајните села, толку повеќе деца имале нивните жители; колку повеќе жители имале селата, толку поголема потребата од храна за тие да опстанат.

Оваа фаза претставува почеток на човековиот пад од мирољубив истражувач во животно кое учествува во организирано насилство, односно војна – одлика која не е евидентна кај неземјоделските односно номадските и полу-номадските општества (Douglas P. Fry, 2006). Интензивната работа која ја наложило организираното земјоделство, го квалификува тогашниот човек како Homo laboris. Арската револуција кулминира со окупирање на големи територии од страна на организирани армии, како и набркување на малите племиња на тлото на евроазија, кои инаку сочинувале поголеми конгломерати кои населувале широки површини.

Со Homo laboris започнува и неконтролираното опустошување на животната средина, што кулминира за време на индустриската револуција, каде човекот влегува во фазата Homo industrialis. Машините му овозможуваат на човекот да ја добие борбата против природата, нешто што на луѓето во претходната фаза им претставувало огромна потешкотија во потребата да чистат површини за одгледување храна. Светот во изминатите 200 години е субјект на Homo industrialis, но сепак најголемиот дел од луѓето продолжуваат да живеат, односно да опстануваат, во улога на работници и во улога на земјоделци.

Иако сме сеуште далеку од одликата Homo sapiens, благодарение на распространувањето на интернетот во изминативе дваесет години, во децениите што ни претстојат ќе имаме можност да преминеме од карактеристиката што најмногу ја дефинира оваа еволутивна епоха-индустриското производство и тешката физичка работа, во човештво што учи. Ние сеуште не сме sapiens, а уште помалку sapiens sapiens, поради еволутивниот развој кој делува брз и неверојатен, но сепак не е соодветно распространет и не се одвива во чекор со потребите што настануваат од еродирањето на животната средина.

Сега е почетокот на таа еволутивна етапа. Луѓето се запознаваат со еден мод на постоење во кој поголемиот дел од времето го поминуваме во прибирање и во помала мера, создавање на информации. Постои цела индустрија која создава податоци за консумпција, од кои диспропорционално поголемиот дел се во вид на разонода, а помал дел како корисна инструктивна мисла. Сепак, човекот сеуште не ја стекнал вештината, способноста и знаењето да одбира кои информации се „точни“ и одат во прилог на нашиот напредок, односно кои информации не хранат, а кои не убиваат.

Оваа етапа од еволутивната траекторија ќе биде неизбежна и мошне мачна. Во однос на достигнување на одликата sapiens sapiens, ние допрва ги заменуваме млечните заби. Во нашето дамнешно номадско минато, нашите предци исто така задолжително морале да ја поминат фазата на пребирање на информации, во однос на тоа што се јаде а што не. Денес знаеме, свесно и интуитивно, дека змиското грозје (мали модри бобинки налик дива боровинка) може да предизвика опасно труење на организмот. Оваа информација ни е позната затоа што нашите дамнешни предци обавиле неброени обиди и страдале од неборени неуспеси (мачења, грозници, откажување на витални органи и смрт) за да ние денес знаеме што се јаде а што не, што е лек и во колкава доза, а што е отров.

Времето и влогот во ова знаење бил огромен и траел илјадници години, со цел информациите да бидат пренесени и заклучени во еволутивната меморија за успешен опстанок на луѓето. За волја на вистината, човештвото денес го сочинуваат поединци кои носат по неколку, или ги носат сите, преднаци на еволутивната фаза на чоекот, и таквата разновидност е доредојдена. Сепак, предизвикот што претстои се состои во оспособување на еволутивниот механизам за располагање со апстрактните информации кои ја збогатуваат или ослабуваат веројатноста за успешен, односно достоен опстанок.

На човештвото му претстои цела етапа во која човекот ќе се обидува, со различни градации во степенот на успех, да открие кои информации не трујат, кои не хранат, во колкави дози се безбедни и со која цел ги консумираме. Како што природата тогаш изобилувала со стотици илјади непознати билки, плодови и растенија, така животната околина изобилува со бесконечно многу пораки кои заземаат облик на пофалби, укори, предупредувања, набедувања, врбувања и така натаму. Некои од овие информации прострујуваат низ песни, филмови, четива и книги, некои се во јавниот видик, а поголемиот дел постојат во сајберпросторот каде што суштествуваме секојдневно.

Најчесто информацијата сама по себе не предизвикува појдовно делување, но таа е акумулирана во свеста каде што стои како предмет за процесирање – носење одлука, постапка или став, што ни дава можност да бидеме во контрола на тоа кои информации нѐ сочинуваат како личност и со каков квалитет на свест сооднесуваме со самите себе, другите луѓе и светот. Веројатно од сите можни информации, најдобрата информација за еволутивниот напредок е онаа за постоењето на една реална веројатност во која информациите се ништо а здравите витални функции го исполнуваат чувството на суштинска живост.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s