Народот поплавен, системот на поправен

По вториот ден обилни врнежи што најтешко ја погодија североисточната периферија на Скопје, утрово почнаа да се сумираат впечатоците од терен. За жал, во медиумскиот простор и на социјалните медиуми денес доминираше една непрокопсана атмосфера на залудно трошење зборови и енергија. Во меѓувреме, луѓето кои се погодени од невремето несомнено останаа без мирен сон. На нив не им значи апсолутно ништо дневното политиканство и наддавањето со мудровид цинизам од страна на масата луѓе, која нема сила и одлучност за да ги санира дупките во колективната свест и во институционалните механизми. Замислете, едните ги нарекуваат другите „мафијаши“ додека другите велат дека тие биле „мафијаши“ пред нив. Со какви детинести менталитети всушности си имаме работа!? Замислете, оние кои треба да дејствуваат за подобар живот на општеството, врмето го губат во гаѓање со зборови! Во меѓувреме, луѓето се збунети и ги губат животите во бизарни несреќи.

Утрово на радио ги слушав изјавите на Директорот на Агенцијата за заштита и спасување. Исто како и многумина други поиздадени лица од политичката сфера, министерот Шабан Салиу редеше општи изјави. Тоа што чекав да слушнам беше барем зачеток на некаква махинација за системско отклонување на проблемите што настанаа по поплавите и поддршка при нормализирањето на секојдневниот живот на погодените семејства. Се решив да го контактирам Сојузот на извидници на РМ, со надеж да дознаам за тековните волонтерски, формални или неформални иницијативи, но од кај нив, за жал, дознав само дека на Црвениот крст не му биле потребни доброволци. Се одлучив да преземам свој чекор и да се најдам во погоденото подрачје. Не треба човек да е на лице место за да може да замисли какви се состојбите на терен и кој вид на проблеми ги мачат луѓето. Сите знаеме дека можеме да помогнеме. За среќа, по два часа поминати во пребарување, на фејсбук наидов на повик за волонтери објавен од Габриела Андреевска, која инакѕ со месеци известува за нејзината хуманитарна мисија за помош на бегалците. Го споделив повикот и на него се одважи еден човек, но подоцна ме контактираа уште две лица кои изразија желба да помогнат и со кои ќе се ангажираме утре.

Со неколку други поединци, членови на здружението Солидарност и волонтери во организацијата Легис предводена од Јасмин Реџепи, се упативме кон приградската населба Синѓелич. Главниот пат што води кон селата Стајковци и Црешево беше претесен за колите кои ползеа по здробениот асфалт, помеѓу останатите коли паркирани на тротоарот и оние кои беа насукани на работ на патот заедно со откорнатите бетонски рабници и парчиња цигли и бетон. Еден полицаец го регулираше сообраќајот и се мачеше во обидот. На раскрсницата кај основното училиште се создаде чвор од коли и нервоза кај возачите. Во дворот на училиштето имаше голем шатор, а околу него повеќе од дваесет униформирани лица, веројатно на Агенцијата за заштита и спасување или Центарот за справување со кризи, или пак на двете, стоеја простум и не правеа ништо. Откако ги паркиравме возилата околу два километри подолу, се вративме назад по улицата пешки за да ја впиеме атмосферата и да ги согледаме последиците на невремето. На улицата немаше униформирани лица или пак присуство на организирана акција за справување со кризата. Со групата од волонтери се вративме кај возилата и ги извадивме залихите на разни материјали како хигиенски материјали, пелени, храна за бебиња, вода и ќебиња, и ги однесовме во комерцијалните простории на една куќа од каде што ги делевме на луѓе.

Уличките што се двојат од главниот пат се исто така погодени – некои од нив катастрофално. Можеа да се видат насукани коли, мебел, разен отпад и многу, многу кал. Првиот впечаток од таа глетка беше, „кога ли ќе се среди ова“ и „кој ли ќе го среди ова“. Во тие мигови станува очигледно дека за да бидат успешни во нивната причина за која постојат, официјалните екипи за справување со кризни ситуации од овој вид треба да располагаат со добра стратегија, агилност и навременост. Не треба да се нагласува дополнително тоа дека е потребно да се вложи многу труд и работа и да се спроведе стратешка акција за да се олеснат состојбите. Ова не води до увидот дека луѓето кои се во својство на професионалци, кои не се соочиле спонтано со слична состојба или кои не би подложни на ригорозни тренинзи каде нивниот живот бил ставен на предизвик, не можат да успешно да контролираат една таква ситуација. Очигледно беше тоа дека полицијата не го регулира приодот до погодените места и дека не постои функционален приод кон нередот кој го донесе поплава. Во тие мигови, оние што се најпогодени се во шок и не се во состојба самите да го исчистат своето живеалиште од натопениот мебел и паркет, од разниот кабаст отпад и од калта длабока и до 20 цм што е наталожена во дворовите и во домовите. На улиците веќе беа извадени разни предмети, а во куќите имаше уште. Тоа значи дека во следните два до три дена, потребно е полицијата да воведе прекин на сообраќајот на часовни интервали, за да можат да дојдат камиони до улиците, за да можат да го отстранат отпадот платените работници на државните тела, институции и јавни претпријатија, во соработка со жителите и доброволците.

Но, затоа што во оваа земја лидерството и личниот интегритет се како најретка суровина, ги повикувам луѓето да одвозат до места каде што можат да ги паркираат колите на рамно и безбедно, и да отпешачат до погодените места. Секоја тајфа од волонтери може да си најде улица каде што ќе помага. Во оваа елементарна непогода најмногу е потребна човечка рака. Не е човек хуман ако има хумани чувства и ако ги сожалува настраданите преку лајкови на фејсбук и критикување на државата. Затоа што зборот „хуман“ значи „човек“, потребно е хуманите луѓе, оние што се способни за тешка работа, да дојдат онаму каде што е потребно за да им дадат на другите помош и поддршка во овие тешки мигови.

Наградата од волонтирањето нема цена. Волонтеризмот во кризни ситуации во една земја како Македонија, не’ доведува до директно искусување на чувството на припадност на поширока и разновидна заедница. Разноводноста е неверојатна и како таква не верувам дека постои на друго место во Европа. Во вакви ситуации човек го гледа човековото луѓето околу него. Во вакви ситуации паѓаат сите лажни превези на искривените политички толкувања што луѓето ги имаат едни за други. Во вакви ситуации најмногу зјае отсуството на младите сили на политичките партии, кои секојдневно се тепаат за нашата доверба и глас. За жал, потребно е да се случи нешто лошо за да се види дека сржта на Македонија се состои од обични, секојдневни луѓе кои не виделе никаков аир од политичките партии кои тргуваат со нивната неконвертибилна валута наречена „празни ветувања“.

Никој нема да не чува ако не се чуваме самите.

Повелете на мегдан.

 

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s