Протест кон целта, 2

Освен гневот кон власта кој е длабоко всаден кај луѓето што протестираат, на „Шарената револуција“ деструктивен предзнак ѝ дава и спојот од револт и отпор кон цивилизацијата, кој потајно тлее во секој поединец. Секој човек што ја распитува својата самосвест умее да го спознае фактот дека животот на единката се одвива под притисокот на палецот на цивилизацијата. Притоа, во текот на својот живот, и особено и веројатно најмногу за време на младоста, човекот може да ги осознае границите на својата слобода единствено преку изразување на физички или интелектуално-сублимиран1 отпор против поредокот што ја дефинира цивилизацијата во мало (на пример онаа во рамките на непосредната социјална заедница или пак на националната држава) и нејзините закони, забрани, норми, апстрактни социјални притисоци и неискажани односно, непишани очекувања. Во несимултаниот, непланиран и спонтано-хаотичен процес на кршење или разлабавување на стегите на цивилизацијата, поединецот неизбежно се судира со луѓето или институциите што ги извршуваат нејзините локал-специфични, урбани и државно-национални тенденции и прерогативи.

Нема потреба да одиме назад во историјата или подалеку од европската цивилизација за да ги воочиме примерите на контра-цивилизациските тенденции и активни амбиентални дејствувања на поединци и спонтано или намерно собрани групи. Од појдовниот пример на пијани млади луѓе во Кардиф кои кршат флаши по улиците и ги вандализираат кантите за ѓубре, до екстремните случаи на диверзантски акции од страна на анти-глобалистите кои се активни во западните земји, или пак припадниците на една супкултура кои ги тетовираат своите лица со асоцијативни пораки на страдање и болка – револтот кон цивилизацијата е факт кој делува насекаде околу нас.

Јавните протести на современието претставуваат поттик за истурање на гневот. Причините за нивното постоење во формите кои ни се повеќе или помалку познати, можеме да ги согледаме во прекршувањето односно, во постојаното игнорирање на одредени социјални норми или социјално-економски норми на очекување кај одредени групи во општеството; овие прекршувања од страна на државно-раководните или економските авторитети влијаат врз поширока маса луѓе и одтаму произлегуваат поединците кои се збираат за заедно да ја пренесат пораката на нивниот револт. Сеедно дали поводот е аболиција за едни, која никогаш не би важела за повеќето останати и на поинаков начин виновни луѓе, или пак е обид за соборување на власт која ја подава единствената сламка – некому за луксузна а некому за гола егзистенција – на илјадници луѓе. Овие премиси, секако, не се исклучиви за Македонија и можат да се пресликаат на разни државно-национални контексти низ светот и се подеднакво горливи за различните страни што ги сочинуваат взаемно-поврзаните меѓузависности на денешницата.

Во нашиот социјално-политички контекст, гледано низ оваа пројдовска призма, протестот наречен „Шарена револуција“ во својата суштина претставува дводелен чин на субмлимирана одмазда против стегите на цивилизацијата и револт против власта. Тоа дека протестот сеуште симболично ја „урива“ цивилизацијата која е сообразена во градбите што ги построи оваа власт, говори дека во нашето општество потајните антицивилизациски тенденции се многу посилни од нагонот за конструктивно политичко градење на познавањата, искуствата и начините на учество во социјално-политичката сфера, чија слабост во изминативе години впрочем и даде безусловна слобода на власта да општи со јавниот и приватниот простор како што таа милува.

Истурањето боја врз јавниот простор претставува директно спознавање на животното искуство на пружање отпор против невидливите граници и подредби на општеството, вроденото но неспознаено како такво гадење од композитната граѓа на урбаниот пејзаж, мноштвото од повремено пријатни и повремено непријатни човечки карактери кои се во социолошкиот теснец на потребите, лишувањата и барањата, и други воочени и инстиктивно насетени пориви за револт.

По масовната аболиција од страна на Претседателот, неколкуте првобитни масовни протести набргу се осипаа и се претворија во „Шарената револуција“ која е бесполезна за општествениот политички напредок. Време е во тој поглед да го воочиме уделот на противцивилизацискиот порив, како тој дејствува и негативно се одразува врз латентниот капацитет на протестот. Грешката е што симболичкото уривање стана единствениот чин што ја дефинира групата што протестира. Преку бојосување на фасадите групата се оддалечи од суштината на протестот, па така, наместо да делува политички во класична смисла, таа делува политички во анти-цивилизациска смисла, нешто налик антиглобалистите кои вандализираат продавници во големите градови каде што се одржуваат средби на водачите на големите сили.

Иако на протестите на „Шарената револуција“ беа одржани многу инспирирани и емотивни говори, тие допреа само до луѓето кои веќе ја знаат болката на социјалната неправда. Тоа што протестантите пропуштија да го остварат е да ги расплинат пораките што го оправдуваат револотот, нанадвор од неговиот епицентар и во насока на влежаното граѓанство. За да се постигне тоа, едноставно беше потребно да се зборува од срце, да се пренесат емоциите, да се сообрази толпата во кохерентно ткиво што дише, чувствува и делува во еден здив, пред очите и ушите на секојдневните луѓе. Многу е погрешно убедувањето дека тоа што некои медиуми известуваат за „Шарената револуција“ подразбира успех на истата. „Телевизирањето“ всушност претставува драматизирање на едно пасивно дејствие. Во истовреме, вестите поврзани со протестите со кои се полни интернет порталите, обично стигнуваат до нивните вообичаени читатели.

Современиот протест е своевидно „талент шоу“ што оди во крајностите помеѓу спектакуларното и морбидното. На западот луѓето прават поворки со маски од политичарите што ги пародираат; кога протестираат, африканците тоа го прават во духот на нивните племенски танци; во Јужна Кореа дваесет души пресекле по еден прст од раката во знак на револт против начинот на кој Јапан толкува делови од историското минато на нивната земја; во Индија човек има извршено самоубиство затоа што берзата ја кренала цената на килограм кромид и претставува еден од илјадниците земјоделци кои извршиле самоубиство само во минативе неколку години; во Кина се самозапалуваат тибетски монаси; за време на големите немири во Грција некои луѓе штрајкуваа со глад. Овде, поборништвото е сведено на фрлање боја, препевање на детски песнички и навивачки извици со плитко значење. Во поширокиот контекст на нештата, овој начин на револт претставува бенигна палавост каква што најмногу и одговара на власта наспроти тоа што би требало да биде просветително движење за напредок и директно и близинско пренесување на пораките што треба да допрат до народот.

***

Есента 2013 самоиницијативно започнав да ја преведувам книгата Rules for Radicals на Saul Alinski- организатор на праводарни и поборнички движења за права, солидарност и општествен напредок на маргинализираните групи и малцинствата во САД. Поради паралелна работа на неколку други книги, оваа изостана, но за среќа, во меѓувреме некој овде ја увидел важноста на овој прирачник и се вложил напор да ја преведе и издаде. Книгата сега е достапна преку страната на Институтот отворено општество, за беспари. Сепак, и покрај тоа што ова знаење е на дофат рака во време кога на нашето општество тоа му е насушно потребно, мене не ми е верно дека учесниците на движењето #протестирам ја разбрале суштина на оваа книга. Можеби затоа наместо да работат на поентирање кај граѓаните преку цел видик од проодни патишта, тие се одлучија да удрат директно на власта и на целото свое делување да му дадат груб и неугледен образ. Потрошениот потенцијал за градивно политичко делување не може да се врати назад. Сега останува да се продолжи со граѓанско присуство на улиците но во поинакви облици и со избор од контраинтуитивни акти.

И покрај тоа што аболицијата сега е повлечена, протестот треба да ја спознае и надмине својата безидејност во неговата цел да се прошири, да опстои и да делува ефективно. Во таа насока (иако отпрва ќе делува контраинтуитивно) протестот треба да вежба „послушност“, за да може одново да го впрегне неговиот латентен потенцијал. Имено, контраинтуитивното делување создава нови резерви на интерес и возбуда во мигови кога учесниците веќе одамна работат на резервна енергија. Самото тоа што протестот досега беше сведен на рутина ги покажува сите знаци на обична социјална разонода за одреден број луѓе, на што предупредува Алински во речената книга.

Пример за контраинтуитивно делување е способноста да се издејствува молк за време на протестот. Промената во амбиентот ќе делува чудно за луѓето, и за оние што протестираат и за оние што се од другата страна на барикадите. Општиот молк треба да се одржува – тој треба да биде објект на секој учесник на протестот. Ако целта е да се промени политичката култура, тогаш дотаму може да се дојде со свесно остварување на помали цели, кои иако се во извесна смисла небитни, сепак говорат многу за колективниот капацитет на протестатнтите. Во еден колективно издејствуван, колективно одобрен и колективно сочуван молк, протестот може да доживее препород низ нови (повторно) контраинтуитивни активности, како настап на акустични бендови, јавно говорништво, жонглирање и пантомима и останати изведби што треба да се одржат низ градските маала, помеѓу зградите и фрекфентните шеталишта. Ова според мене е природниот дух на луѓето што протестираат – тоа е нивното најдобро што треба да го види народот. Вистината треба да се кажува на интелигентен начин затоа што досега виденото може да се опише единствено како бурлеска на урбанизиран простотилук. Зошто да биде тоа, кога можат да се одигруваат едночинки помеѓу зградите и на таков начин да се анимираат луѓето и да наидат на одобрување на младите. Ќе биде интересно кога би можеле да видиме колку луѓе ќе ѕиркаат од зад завесите. Ќе биде интересно да видиме и која е таа „сила“ што ќе може да задуши ненасилни акти на граѓанската култура! Контраинтуитивните активности можат да проткаат интерактивно соучество кон конструктивната цел на одржување на позитивен дух и изнаоѓање на нов почеток и нова насока која има пониски но достижни цели за протестот.

Без лична пожртвуваност протестот не ќе има успех. За да може што поголем број луѓе да се одлучат на пожртвуваност, очекувањата треба да бидат претставени на ниво што е достапно за повеќето поединци. Пожртвуваноста не треба да бара радикални акции, туку личен влог кон заживување на дејствието. Да се запрашаме колкав може да биде учинокот на овој протест во ограничениот простор каде што тој делува? Би рекол дека учинокот е мал и нечуен за луѓето што живеат во скопските населби. На протестот му е потребен марш на река луѓе која ќе има за цел да ги пренесе пораките со кои секој жител на Република Македонија може да се согласи, а кои претставуваат сурово-реална но конструктивна, рационална и ослободена од гнев критика, без разлика на тоа што чиновите кои не натераа да потклекнеме на оваа ниска култура беа ирационални, сурови и безнадежни.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s