Филмот „Џган“ – огледало на џганот

dzhgan

Помеѓу бруталистичките руини на јавните установи, во едно сиво и како такво нам познато Скопје, опстојуваат штитениците на домот за деца без родители, во најновиот македонски филм, Џган. Нивните животи се тетерават помеѓу пасивноста на нивната безизлезна состојба и бруталноста што тлее во таквиот живот. Филмот го претставува егзистенционалното прашање на младите и проблемите што се јавуваат кога нивните животи се вклештени помеѓу ниските морали на дисфункционалните и корумпирани институции и притисокот да се пронајде значење во животот.

Иако и амбиентот и ликовите се тмурни и обременети од нивната сива реалност, филмот претставува освежување во македонската кинематографија. Во него нема недоследности, излишности, преувеличеност на улогите, несвојствени дијалози и нереални ситуации. Од почетокот до крајот на филмот, јасно се отчитува дека режисерот Вардан Тозија одлично ја завршил својата домашна работа за да произведе едно впечатливо и трајно филмско дело. Од технички аспект, камерата е секогаш на вистинското место, а сценариото добро ги обработува неколкуте актуелни социјални теми што го држат гледачот на штрек. Улогите во филмот, нивниот говор и размислување се одлично формулирани- машкиот лик што сака да се пронајде, позитивниот женски лик што го спасува денот од банално трагедизирање на менливите нешта, моралниот авторитет што потпаѓа под тежината на задачата- па дури и оние улоги што го згуснуваат дејствието, односно „домците“ што најприродно го толкуваат скопскиот андерграунд карактер.

Она со што „Џган“ најсилно пленува не е само трагедијата на бруталното насилство, туку и суптекстот на главното дејствие, кое се одвива во вакуумот на некомпетентноста на институциите и сериозноста на состојбите со кои тие треба да раководат. Насилството кое остава длабок белег во целиот филм, прави гледачот да трепти во удобното седиште; од друга страна, во суптекстот го согледуваме социјалниот коментар кој посочува на најзакоравените  карики на ѓаволскиот круг во кој е опфатено општеството. „Домците“ кои седат на клупи, грицкаат сончоглед и меѓусебно се кошкаат за разонода, се всушност лицето на фатализмот на младината која се бори да го пронајде својот пат. Тоа дека патот односно, патиштата, се необележани или пак во најлошиот случај, едноставно не постојат, може да се види низ толкувањето на неколку карактерни архетипови. Имено, ракоположениот од некоја си власт Директор на установа кој сам одлучува за туѓи судбини, инспекторот кој го крши кодексот на општествен бранител, новинарката која не верува во силата на нејзината професија, домарот односно обичниот чиновник кој паразитски наоѓа начин како да искамчи пари он оние на дното, и така натаму. Корозивноста на овие улоги ни е добро позната, но уште подобро отрезнува кога тоа ќе се види прикажано на филм, каде што епитомот на корупцијата е овековечен во крв и месо.

maxresdefault

Масовното отсуство на професионалниот интегритет што силно зјае во општеството, „Џган“ највешто го сумира преку изјавата на еден од вработените во домот: „Јас нема да се одлучам зошто немам што да кажам… а и никој нема што да каже“. Да имаше овој лик карактерна особина што искажува став за одлука и да имаа останатите негови колеги нешто да кажат, филмот ќе завршеше предвреме. Филмот продолжува да рие затоа што во него доаѓа до израз идеалистот што е принуден да тера правда, сам. Во меѓувреме се насетува ендемскиот страв од политичкиот авторитет, отсуството на свое „мислење“ и непостоењето на професионално „сојузништво“ кога треба човек да застане наспроти бессмислени чинови. Во филмот овој судир на анти-материја дополнително ги упорува и им дава деморализирачки легитимитет на оние што во име на системот можат да им се закануваат на неподобните со бркање од работа. А сепак- сепак- кога ќе дојде оној миг каде политичкиот авторитет си дава за право да работи против поединецот што ги покрева горливите прашања, тогаш изразот „мислам дека“ се претвара во „мислиме дека“ – во име и со амин на системот. Сево ова Тозија добро го има осмислено и претставено.

„Џган“ продолжува да илустрира како во пеколниот круг и надежните општествени дејци попуштаат под тежината на светот, па така сведочиме како вербата на еден од таквите ретки примери, Горан (Никола Ристановски), се кине и тој паѓа толку ниско што ја пцуе и проколнува својата благородна кауза, односно она нешто во кое тој дотогаш верувал. Кога за миг помислив дали „Џган“ има допирни точки со „Пеколен Портокал“, сфатив дека тоа е само навидум и дека постои суштинска разлика. Во култниот филм на Кјубрик, групата го користи насилството од каприц и за болна разонода, а во нашиот „Џган“, насилството претставува бунт на заборавените и отфрлените. Сцените со планирано, насочено насилство, зборуваат за одмазда против човековото тело како мисловен поим, односно како оперативна машина што ги извршува програмите кои ја кородираат општествената хармонија.

Како што дејствието вртоглаво ита кон крајот, како да не можеме да му избегаме на прашањето, дали „Џган“ навистина постои? Екстремните сцени во филмот служат за да не убедат во веројатноста на таа реалност. На тој начин, филмот предупредува во што може да се претвори она што навистина постои и тлее под површината, доколку системското статус-кво продолжи да биде слепо и одмазнични настроено кон ентузијазмот на луѓето како Горан. И кога си помислив дека сивото целосно ќе ја проголта публиката, „Џган“ ни остави еден единствен и блед блесок надеж, кој можете да го видите во киносалите во кои се прикажува филмот.

242

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s